| |
Под сенките на старите ореови дрвја израснати се
генерации на семејството Несторовски
На патот на караваните кои патувале со коњи од
западна Македонија кон Скопје непосредно пред влезот
на градот во Сарај постоел ан кој бил надалеку
познат како “Сарајски ан”.
Анот бил подигнат од дедо Нестор пред 1870 година, а
потоа го наследил и управувал мојот татко Серафим.
По зборовите на мојот татко, кога носталгично се
присетуваше на тоа време вели дека подрумите на Анот
имале десетици илјади литри вино и две до три илјади
литри ракија.
Во 1912 година кога Турците се повлекувале од
Балканот, анот бил запален и скоро целосно уништен.
Татко ми бил принуден да избега за да го спаси
својот живот. Кога се вратил Анот бил ограбен, а во
визбата сето вино и ракија било испуштено. Со помош
на позајмици од пријатели Анот бил обновен. Повторно
се развил и работел негде до 1935 година. Караваните
постепено изумирале под притисок на помодерниот
начин на трговија и транспорт. Дефинитивно со
пуштање на железничката пруга Скопје – Кичево, анот
престанува со работа.
Иако во мојот живот одбрав друга професија, аманетот
на татко ми за да продолжи семејната традиција
никогаш не ме напушти. Во 1980 година цврсто решен
да направам ресторан, заедно со еден мој пријател ја
адаптиравме и опремивме куќата која беше дел од
познатиот Сарајски ан и на 1-ви август истата година
го отворивме ресторанот. Бидејќи во дворот на
ресторанот имаше многу ореови дрвја решивме да му
дадеме име на ресторанот “Ореов лад”.
Почетокот беше многу скромен, со неколку маси и
неколку шишиња пијалок. Истите маси ги користевме и
за летната бавча во тревникот под оревите.
Како минуваше времето, ресторанот добиваше сосема
поинаков изглед, сеуште на истото место.
Денешниот изглед, каде умешно е споено
традиционалното со модерното, ресторанот “Ореов лад”
го има од 2004 година, кога за последен пат е
проширен и реновиран, под водство на моите деца,
(четвртата генерација Несторови ) Сузана и Љубомир.
Ресторанот “Ореов лад” им посакува Топло Добредојде
на сите љубители на старата македонска кујна,
базирана на автентични рецепти, спремени уште од
времето на мојот дедо Нестор.
Ресторанот е надалеку познат, не само по вкусната
кујна , туку и по топлата атмосфера покрај каминот
во зима и живописната летна бавча во лето.
Ресторанот има: сопствен паркинг; детско игралиште
каде најмладите безгрижно можат да се играат; базен
со жива пастрмка во лето, каде гостите можат да ја
уловат и веднаш да им се спреми на скара или под
традиционалниот старомакедонски вршник..
Богатството на семејството Несторовски е во
продолжувањето на традицијата, а успехот и гордоста
се во негувањето и чувањето на истата.
Срдечно ваш,
Нестор Несторов |
|